
Во 2019 година имало 211 жртва во 41 случај на масовно убиство, според базата на податоци што ја одржуваат Асошиејтед Прес, Ју-Ес-Еј Тудеј и Универзитетот Нортистерн во Бостон.
Според нивната дефиниција, масовно убиство е секој инцидент во кој умираат четири или повеќе луѓе, без да се брои сторителот.
Ова е најголем број на случаи на масовни убиства, откако двата медиуми и универзитетот почнале со регистрирање на податоци. Тие посочија дека другите истражувања, кои датираат до 1970-тите години, исто така не можат да се споредат со годинашната бројка.
Во 33 случаи, злосторството е сторено со огнено оружје, проследено со секири и ножеви.
Девет случаи на масовно убиство биле извршени на јавно место, додека повеќето случаи вклучувале луѓе кои се познаваат меѓу себе, членови на семејство и колеги, или пресметки меѓу банди.
Најсмртоносниот инцидент се случил во август кога Патрик Крусиус убил 22 лица во Волмарт. Крусиус рече дека сакал да „убие што е можно повеќе Мексиканци“.
Единствено позитивен е фактот што и покрај тоа што во 2019 е најголем бројот на инциденти, бројот на загинати бил поголем во 2017 година кога загинале 224 лица, вклучително и масакрот во Лас Вегас кога беа убиени 58 лица.