Почина авторот на музичките хитови на Монти Пајтон

Британскиот комичар и музичар Нил Иннес, најпознат како автор на музичките хитови за Монти Пајтон (Monty Python), починал во 75-та година од животот, соопшти во понеделникот телевизијата Sky News повикувајќи се на менаџерот на уметникот.

Неговиот агент Најџел Мортон рекол дека Иннес починал во неделата, како и дека неговата смрт била ненадејна.

„Со голема тага и длабоко жалење известуваме дека Нил Џејмс Иннес почина на 29-ти декември 2019 година. Загубивме прекрасна, фина и нежна душа чиишто песни и музика ги трогнуваа срцата на сите. Неговиот интелект и потрага по вистината нѐ инспирираа сите нас. Почина од природна смрт и нѐ напушти брзо и без никакво предупредување и, се надеваме, без никаква болка“, се наведува во соопштението.

Актерот и музичар своевремено беше буквално седмиот член на комедијантската трупа Монти Пајтон, пишувајќи многу сонгови за истоимената хит серија.

За филмот „Монти Пајтон и Светиот Грал“ (Monty Python And The Holy Grail) од 1975 година, во кој настапи, ги напиша два незаборавни сонга „Knight of the Round Table“ и „Brave Sir Robin“. Исто така, кусо настапуваше и во верската пародија „Брајановото житие по Монти Пајтон“ (Monty Python’s Life of Brian), и се појави во истоимениот филм од 1979 година.

Иннес ги напиша сценаријата за последниот телевизиски серијал на „Монти Пајтон“, заменувајќи го привремено отсутниот актер Џон Клиз. Покрај тоа учествуваше и на турнејата на трупата по Велика Британија и во Канада.

Иннес, исто така, свиреше и во бендот The Rutles, правејќи пародии, меѓу другото, и на хитовите на The Beatles, поради што дури заврши и на суд. Иннес, исто така, учествуваше и во снимањето и се појави во псевдодокументарната комедија „The Rutles: All You Need Is Cash“, во 1978 година, пародија на филомовите за The Beatles. Напиша дваесет песни за измислениот бенд The Rutles, и ги изведуваше со уште тројца музичари.