Полицијата ги истера демонстрантите од седиштето на партијата на Макрон

Париската полиција во четвртокот со солзавец ги растера демонстрантите од седиштето на партијата на френцускиот претседател Емануел Макрон, а штрајкот против неговиот предлог за голема реформа на пензискиот ситем и натаму продолжува.

Десетици демонстранти беа принудени да се повлечат пред густиот облак од солзавец кој ги прекри тесните улички во близина на Париската опера. Претседателот на партијата на Макрон, Република во движење (REM), Станислас Гверини, го осуди инцидентот кој на Twitter го опиша како „обид за упад на радикализираните демонстранти“ во канцелариите на партијата.

Полицијата засега сѐ уште нема утврдено што точно се случило во седиштето на партијата, но познато е дека во текот на непријавените протести се уапсени три лица.

Во телевизиското новогодишно обраќање до нацијата, шефот на државата Емануел Макрон рече дека од премиерот Едуар Филип очекува да изнајде компромис со синдикатите и групите на работодвачи кои тоа го сакаат, кога станува збор за прашњето на пензиската реформа.

Меѓутоа, неговиот говор воопшто не ги импресионираше синдикатите, иако Макрон понуди извесни посебни отстапки. Челникот на еден од најсилните синдикати CGT, Филип Мартинез, за радиото RMC пред два дена кажа дека го повикува „целиот француски народ да се мобилизира, да протестира и да штрајкува“.

Протестите и штрајковите во четвртокот влегоа во 29-от ден, и се најдолгите во Франција од 1968 година.