
Новоизбраниот хрватски претседател Зоран Милановиќ во првата изјава за медиумите по изборната победа, рече дека разговарал со премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ и со актуелната претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ, како и со други политичари од Хрватска, Европа и светот кој му ја честитале победата, пренесува „Индекс.хр“.
– Вистина е, разговаравме телефонски, ми се јави и Пленковиќ и госпоѓата Китаровиќ. Вчера одговарав на пораки, честитики, на сите од Хрватска и светот – рече Милановиќ, кој новинарите го дочекаа пред неговата домашна адреса.
Тој ги коментираше и зборовите на премиерот Пленковиќ кој кажа дека меѓу нив ќе има „тврда кохабитација“, велејќи дека не знае што значи тоа и ќе мора да го разгледа Уставот на Хрватска.
Милановиќ додаде дека ќе ѝ даде поддршка на Грабар-Китаровиќ ако таа одлучи дека по претседателската функција сака да ја продолжи дипломатската кариера.
– Ќе ѝ дадам поддршка. Таа не е одговорна за никакви кривични дела и беше претседателка – посочи тој.
Китаровиќ-Грабар веќе еднаш ја извршуваше функција амбасадор, и тоа во 2008 година, кога беше избрана за амбасадорка на Хрватска во САД.