Амбасадата на Украина во Иран го повлече соопштението со причините за падот на „Боингот“

Амбасадата на Украина во Иран го промени соопштението за причините за падот на авионот во Техеран, во кое терористички или ракетен напад се исклучува како причина за несреќата и падот на украинскиот „Боинг 737“, пренесува „Б92“.

Амбасадата во новото соопштение наведе дека причините за инцидентот се „разјаснуваат“, како и дека претходните соопштенија за причините за несреќата „не се официјални“.

– Информациите за причините за авионската несреќа ги разјаснува комисија. Секое соопштение кое се однесува на причините за несреќата пред одлуката на наведената комисија не е официјално – стои во изјавата.

Во првобитното соопштение на вебсајтот на амбасадата, кое е сега отстрането, отфрлено е дека терористички напад би можел да биде причина за падот на „боингот“, со констатацијата дека прелиминарните информации сугерираат на тоа оти моторот на авионот бил неисправен.

Украинскиот авион, кој со 176 патници и членови на екипажот се сруши брзо по полетувањето од аеродромот во Техеран, не прогласил тревога. Авионот паднал само неколку часа откако Иран изведе ракетен напад на две бази во Ирак во кои се сместени американски војници, во знак на одмазда поради убиството на иранскиот генерал Касем Сулејмани.

Портпаролот на иранската служба за сообраќај Касем Бинијаз изјави дека еден од моторите на авионот се запалил. Во авионот имаше 167 патници и девет членови на екипажот, а требаше да лета кон Киев, главниот град на Украина.

Две црни кутии се пронајдени на местото на падот на авионот, објави државната иранска телевизија. Меѓутоа, како што изјави началникот на иранската организација за цивилно воздухопловство Али Абедзадех, црните кутии нема да бидат предадени на произведувачот на авионот.