
По заедничката седница на пратеничката група и извршниот политички совет на партијата, Движење на промена донесе одлука да ја поддржи и да гласа „за“ Екатерини Сакеларопулу за претседател на Грција.
По одржаниот состанок, претседателката на партијата Фофи Генимата рече дека владиниот предлог за шеф на државата одговара на суштинските елементи што Движењето на промена ги постави за претседател на Грција. -Таа е жена која доследно им служеше на прогресивните перцепции, како што се покажа и во нејзината судска кариера, со познатиот чесен демократски морал – особено за време на кризата. Сигурна сум дека одговорно и успешно ќе ја исполни нејзината уставна мисија. Затоа, и ќе ја има нашата поддршка, рече Генимата. Со поддршката од Движење на промена, од владејачката Нова демократија и од најголемата опозициска партија СИРИЗА, Сакеларопулу на гласањето закажано во среда, се очекува да биде избрана за шеф на државата со најмалку 266 гласови „за“, 66 гласови повеќе од потребните. Во текот на денот се очекува ставот да го соопштат и останатите три грчки опозициски партии, МЕРА25, Грчко решение и Комунистичката партија.