Сенаторите полагаат заклетва пред почетокот на судењето на Трамп

Задолжените за судењето на претседателот Доналд Трамп, американски сенатори во четвртокот ќе ја положат заклетвата пред претседателот на Врховниот суд кој ќе претседава со процесот за отповикување, третиот во историјата против претседател на САД.

Обвинението против американскиот претседател пристигна во средата во Сенатот, во пресрет на процесот кој треба да го води горниот дом на Конгресот во кој републиканците имаат мнозинство. Самиот процес ќе започне во вторник, објави челникот на републиканското мнозинство, сенаторот Мич Мекконел.

Претседателот Доналд Трамп треба да одговора по двете точки од обвинението: за злоупотреба на овластувањата и за попречување на работата на Конгресот.

Демократите го обвинуваат дека ја користел функцијата за да изврши притисок врз Украина во летото 2019 година да го испита мешањето на неговиот демократски противник – поранешниот потпретседател Џо Бајден – во запирање на истрагата за корупција во Украина во која бил вмешан неговиот син Хантер Бајден; и за блокирање на соработката на своите соработници со комисијата задолжена за истрагата во Претставничкиот дом.

Откако обвинението беше потврдено во долниот дом на Конгресот, благодарејќи на мнозинството на демократите, процесот за отповикување – ткн импичмент или судење, продолжува во Сенатот. Притоа членовите на Претставничкиот дом ја играат улогата на „тужители“, Белата куќа има правни застапници, сенаторите се поротници, а со процесот претседава првиот човек на Врховниот суд.

Претседателот на САД може да биде разрешен од должноста, доколку за тоа гласаат две третини од 100-те сенатори. Меѓутоа, се очекува дека Сенатот ќе го ослободи Трамп од обвинението, имајќи предвид дека ниеден од 53-те републикански сенатори досега јавно не се изјасни дека е за отповикување.

Отповикувањето за кое минатиот месец гласаше Претставничкиот дом и телевизискиот преност на сенатското судење може да бидат непријатни, како и за Доналд Трамп, така и за Џо Бајден кому на 3-ти ноември веројатни ќе му се спротистави во настојувањата да го освои вториот преседателски мандат.