
Денешниот современ свет, начинот на живот и менталитет си има свои современи карактеристики. Тоа посебно е изразено во начинот на живот. Но, една работа нема многу промени, тоа е начинот на водење на политика, или политичката демократија. Тука се подразбира и начинот на водење на избори кога лидерите застапуваат програми и идеали.
Кога внимателно ја анализираме предизборната кампања на актуелната власт, во нивните настапи имаше и еден многу нејасен дел, но со бомбастични настапи поврзан со одбраната и Армијата. Имаше многу ветувања, иако непоткрепени со одржливи програми, но сепак беа дел од официјална партиска програма. Се ветуваше се’ и сешто, од логично до комично, со надеж дека ќе се даде сериозност на пристапот кон одбраната.
Јас повеќе пати имам пишувано за недостатоците и слабостите кои ги покажува актуелната власт, посебно во Министерството за одбрана, и упатив сериозни критики и предупредувања. За жал, освен одбрана на своите ставови и извртување на ставовите проследени со цинизам и споредба со нивните претходници, не слушнавме ништо корисно од раководството на Министерството за одбрана. А, народот има една поговорка која гласи „Ако грешев јас, не греши и ти“. Но, тоа важи за принципиелни лидери. Колку сегашниве лидери ги имаат изгубено идеалите и дека патоказите им се потполно исчезнати, ќе дообјасниме со неколку примери подолу.
Ветувањата беа дека СДСМ ќе го подобри стандардот на вработените во МО и АРМ и ќе се живее и работи според солидни стандарди. Како последица на тоа би имало масовен одзив на конкурсите за професионални војници и другите конкурси за старешини во АРМ, а сегашниот персонал редовно ќе си ги извршува задачаите. Во такви услови никој не би барал подобар живот надвор од МО и Армијата и не би имал причина за напуштање на оваа чесна и достоинствена професија. Но, реалноста е потполно спротивна. Напуштањето на Армијата од страна на персоналот е огромно, во голема бројка. Не само професионални војници и подофицери, туку последните две години (повторувам, последните две години) си одат и старешини со високи чинови и позиции, кои заминуваат на секакви должности во Ирак, Авганистан, обезбедување по бродови, од возачи на камион до монтери на прозори и обезбедување. За живот заработуваат чесно и со труд, како и што научиле во Армијата. Но, системот на неправдите, омаловажувањата и нерешените статутарни прашања ги тера на подобар живот, кај што има живот за сите, на прав пат. Отворете поголем број на портали од социјалните мрежи, разговарајте со било кој припадник и ќе видите со каков напор, мака, тешкотија и жалост расправаат за нивната состојба.
Најголема стимулативна мерка за воено лице е унапредувањето во чин и поставувањето на позиција, должност, функција. Последните две-три години тоа отиде толку во погрешен правец и според погрешни патокази, што дури и цивилите се чудат на небулозите: јавно се декларира дека има голем број на полковници, а само во последниот декември пред нова година се унапредени десетина. А, уште не е решен статусот на постарите генерации, возрасните офицери. Поставувањата се строго наменски, кој за кого гарантира, без интерен оглас или редослед, без важност на младоста-староста, поминати должности и кариера, пројавени амбиции и способности. Важно е да си на прав пат. А, ова воопшто не оди во прилог на нашите заложби за успешно и непречено влегување во НАТО. Посебно напоменувам овде дека токму оваа партија која е на власт на почетокот на нашето осамостојување, неколку години беше со нејасни ставови кон НАТО и ЕУ.
Основ за нормален стандард за живот и работа во Армијата на Република Македонија е тековното одржување, снабдување, опремување (зборувам за индивидуални секојдневни потреби) и подобрување на условите. Дали е потребно за ова посебно да објаснувам кога секој припадник на МО и АРМ, секој член или пријател на нивните семејства и сите други кои имаат допирна точка со МО и АРМ знаат точно каква е состојбата. Дури и снабдувањето со храна е проблематично и корумпирано, изведувањето на големи активности саботирано од страна на опкружувањето на водачите на правиот пат. Воените лица по директна линија се патриоти, иако и тие трпат последици од општествениот живот и состојба, а знаеме дека социјалните услови имаат влијание на состојбите и идеалите.
Но, раководството на Министерството за одбрана кон сите овие отворени прашања и предизвици се поставува препотентно, со лажен авторитет, решавање на работите скришно, со одмазда, малограѓанштина и без компромис. Во оваа прилика сакам само да ги потсетам на историјата: народот ја создаде Македонија, народот создаваше македонски армии силни и моќни, народот го создаде ВМРО, ВМРО ја обнови и осамостои Македонија. Како контраст на ова, СДСМ сруши сè што создаде народот со крајна цел да се уништи народот и татковината.
Но, чекајќи го животот да дојде по правиот пат, дојде освестувањето и согледувањето на слепоста на „водачите“, но и се роди силата за обновување, која е преголема за Вие да ја уништите. Ѓаволот ќе си го наплати Вашето.
Автор: Александар Нацев за НетПрес