
Принцот Хари и војвотката Меган го загубија правото на кралските титули, пренесуваат светските медиуми повикувајќи се на информации од Бакингамската палата. Тие понатаму нема да можат да ги користат титулите и двојката веќе нема да ја претставува британската кралица.
Исто така ќе ги загубат сите пари што ги добиле како членови на кралското семејство, јавија британските медиуми. Меган и Хари претходно се откажаа од кралските должности, а ова е конечниот исход од нивната непоколеблива одлука.
На почетокот на јануари војводата и војвотката од Сасекс на својот официјален инстаграм-профил изјавија дека сакаат да се повлечат од нивната улога како сениор-членови на кралското семејство и дека се стремат кон тоа да станат финансиски независни. Напишаа дека, после повеќемесечни размислувања и внатрешни дискусии, одлучиле годинава да направат „транзиција во започнувањето нова прогресивна улога во рамките на оваа институција“. – Имаме намера да се повлечеме од улогата на „сениор“ членови на кралското семејство и да работиме на тоа да станеме финансиски независни, но сепак ќе продолжиме целосно да ја поддржуваме Нејзиното величество, кралицата. Со вашето охрабрување, особено во последните неколку години, се чувствуваме подготвени да го направиме ова прилагодување. Планираме да го избалансираме нашето време помеѓу Обединетото Кралство и Северна Америка, продолжувајќи да ја почитуваме нашата должност кон кралицата, комонвелтот и нашите покровителства“, напишаа Хари и Меган.