Евростат: Македонците се воздржани за купување преку интернет

Македонците се највоздржани кога станува збор за нарачки и купување преку интернет, при што 19 проценти рекле дека избегнуваат онлајн пазарување поради страв од измами. Но, затоа само на четири отсто тоа им пречи кога преземаат софтвер, апликации, музика, видео, игри или други податоци од интернет, покажува истражувањето на Евростат за употребата на информатичко-комуникациските технологии во домаќинствата и кај поединци во 2019 година.

Истражувањето покажало дека секој десетти жител на Македонија поради страв од злоупотреба на интернет не користи интернет-банкарство и јавна ви-фи мрежа и не открива лични информации на социјални или професионални мрежи.

Според истражувањето, Македонците најмногу, или 68 проценти, го користат интернет за социјални мрежи, додека просекот во ЕУ е 57 отсто.