
Христијан Мицкоски ќе биде гостин во новата епизода на „Еден на Еден“, во недела од 18.30 на Канал 5 телевизија. Жарко Димитриоски, Жаре, и Мицкоски ќе изиграат фудбалче, еден на еден, но, тоа не е единствениот предизвик кој лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ќе го прифати.
Интересна изјава даде Мицкоски во моментот кога Жаре и екипата му подготвија музички квиз, погодување на песни. На почетокот на хитот „We Will Rock You“, тој рече: – Ова ќе се случи на 12 април.
За крај Жаре го праша дали се слуша со Никола Груевски.
– Кој Никола? Има еден Никола од Кисела Вода. Не се слушам со него – одговори Мицкоски.
Дел од муабетите се посветени и на неговото семејство, сопругата и синовите, а раскажа и приказни од тоа како почнал.
– Првиот ден кога отидов на работа, среден, стокмен, шефот ми дава метла и ми вели: „Ајде да го изметеш дворот“. Денот си го завршив професионално. Метев цел ден – раскажа Мицкоски за своето прво работно искуство.