Меси го скриши отпорот на Гранада за успешен старт на Сетјен

Фудбалерите на Барселона се вратија на врвот на табелата на шпанското првенство, откако во неделата во 20-то коло со минимални 1:0 ја совладаа Гранада на домашен терен.

За успешниот старт на новиот тренер на Барселона, Кике Сетјен, се погрижи капитенот Лионел Меси кој постигна погодок во 76 минута. Барселона го скрши отпорот на жилавата Гранада дури откако гостите од Андалузија останаа со играч помалку, откако во 69 минута поради два жолти картона беше исклучен Герман Санчез.

Водечката Барселона сега има 43 бодови, колку и вториот Реал Мадрид, а со по 35 бодови ги следат Атлетико Мадрид и Севилја. Гранада е 10-та со 27 бодови.

Мајорка со 4:1 на домашен терен ја совлада Валенсија. За домашните погодија Раиљо во 7, Анте Будимир во 22 и 41, и Родригез во 79 минута, а почесниот погодок за гостите го посттигна Торес во 82 минута.

Мајорка со оваа победа се искачи на 17-то место со 18 бодови, два повеќе од зоната на испаѓање, а Валенсија пропушти можност со победа да скокне дури до четвртото место, и сега остана на седмото со 31 бод.

Бетис со головите на Иглесијас во 27, Жоакин во 44 и Серио Канаљес во петтата минута од судиското продолжение го победи Реал Сосиедад. Бетис сега има 27 бодови и е на 11-то место, а Реал Сосиедад како и Валенсија пропушти можност за голем скок и остана шести со 31 бод.

Атлетик Билбао на домашен терен ремизираше со Селта Виго. Гостите поведоа во 56 минута со голот на Рафиња, а Баските израмнија од пенал во 76 минута кој го реализираше Раул Гарсија.

Атлетик Билбао е осми на табелата со 30 бодови, а Селта Виго дојде до значаен гостински бод во борбата за опстанок, и сега има 16 бода на 18-то место, два помалку од безбедната зона.

Фенерџијата Еспањол дојде, пак до три многу важни бодови во борбата за опстанок, и тоа на гости со победата од 2:1 над Виљареал. За гостите стрелци беа Диего Лопез во 5 и Де Томас во 47 минута, а Казорла од пенал во 62 минута погоди за домашните.

Еспањол и натаму е последен со 14 бодови, но сега на четири бодови ја намали разликата од местата кои гарантираат опстанок во Примера, а Виљареал остана на деветтата позиција со 28 бодови.