Град Скопје ќе го чисти ѓубрето под Кале, 15.000 евра казна ако се направи нова дива депонија

Град Скопје почна да ја чисти депонијата под Кале, која со години беше претворена во дива населба, каде се палеа гуми и кабли и живееја околу 200 граѓани. Градот заедно со Министерството за труд и социјална политика, пред еден месец жителите ги дислоцираа и ги сместија во Визбегово. Од вчера овој простор каде со години се таложело ѓубре и отпад почна да се чисти, пишува СДК.мк.

Во расчистувањето покрај екипи од Градот учествуваат и општествено одговорни фирми кои со својата механизација помагаат да се собере сметот и да се однесе на депонијата „Дрисла“. Во првите два дена од акцијата собрани се 500 метри кубни ѓубре.

„За 10 дена целосно ќе се исчисти просторот од отпад. Ова место е приватна сопственост на фирмата ’Амадеус груп‘, како и цела оваа страна на кејот. Ова е последен пат Град Скопје да интервенира на оваа локација. Откако ќе го исчистиме комплетно просторот и ќе го доведеме во нормална состојба ќе бидеме ригорозни во изрекување казни. Писмено се известени сите сопственици дека доколку не се грижат за просторот кој го купиле и дозволат тој да прерасне во депонија ќе бидат казнети, а казната е 15.000 евра“, рече Шилегов.

Шилегов рече во наредниот период ќе се работи на расчистување на депониите во Визбегово и во Вардариште.

„Годинава очекувам заедно со Министерството за животна средина да почнеме со решавање на депонијата во Визбегово која се создавала 30 години. Вардариште е комплексно прашање, кое не дозволува импровизацијата бидејќи била депонија на Град Скопје каде бил депониран отпад повеќе од 40 години и тука ќе ни треба и експертиза и меѓународна помош. Проценката за санирање на состојбата таму покажува дека се потребни околу 40 милиони евра за целосно да се заштити тој потег“, рече Шилегов.