Под маската на демократијата, Заев владее авторитарно

Во хибридна држава нема владеење на правото, на судскиот систем, на државните институции, нема слобода на мислење и слобода на медиуми, има висок степен на корупција, ненаменско делење на државни пари, партиски вработувања...

Наместо да јакне демократијата, за сметка на истовремено намалување на централната политичка моќ, во Македонија таа значително слабее, а се намалуваат и ограничуваат политичките слободи. Со владата на СДСМ на чело со Зоран Заев, во последниве години фукционираме „хибридно“ и никако да се одлепиме од групата земји во светот со таканаречен „хибриден режим“, а во кој спаѓаат и Албанија, Украина, Црна Гора, Сенегал, Кенија, Танзанија, Непал, Мали, Сиера Леоне, Босна и Херцеговина, Пакистан…

Вчерашниот, најнов извештај на „Економист“ за 2019 година, покажува дека Македонија е на 77 место според индексот на деморатија, за само едно место подобро од 2018 година. Или, ние сме во 22,2 отсто од сите 167 анализирани држави со таканаречен хибриден режим, со индекс 5,97 поени од максимални 10. На чекор до демократијата, но на два чекора до целосен авторитарен режим.

Што подразбира поимот Хибриден режим? Тоа значи мешан вид на политички режим, меѓу авторитарен режим и нецелосна демократија. Односно, хибридните режими се комбинација на автократски карактеристики, со демократски, каде е можно истовремено да има политички репресии, но и редовни избори. Авторитарноста е форма на владеење што се карактеризира со силна централна моќ и ограничени политички слободи. Под авторитарен режим, индивидуалните слободи се подредени на државата и не постои уставна одговорност. Хибриден систем се однесува на изборен систем во кој двата системи се споени во еден.

Значи, 77 позиција покажува дека нема напредок на демократијата и дека Владата во изминатите неколку години под водство на СДСМ потфрли во повеќе сфери. Ако се земе предвид дека „Економист“ го мери индексот на демократија според 5 категории: изборен процес и плурализам, граѓански слободи, функционирање на владата, политичко учество и политичка култура. Врз основа на резултатите во 60 индикатори на овие 5 категории, секоја држава се позиционира во еден од четирите ранга: полна демократија, слаба демократија, хибриден режим и авторитарен режим.

Освен што стоиме лошо со демократијата, уште полоша ни е ситуацијата со корупцијата. Позицијата на Македонија на најновата листа на Транспаренси Интернешнал е 106 место со 35 поени. (На скалата од 0 до 100 поени, 0 значи најголем степен на корупција, а 100 поени – најмалку корупција). За споредба, во 2015 година бевме на повисоката, 42 позиција, односно за 7 места погоре.

Професорот Александар Даштевски во изјава за Курир вели дека уште пред да го објави „Економист“ својот извештај, имаше друга анкета во која Македонија беше оценета како авторитарен режим. Тој вели дека разликата помеѓу овие два вида на режими е мала.
– Загрижува фактот што Македонија нема напредок туку оди надолу во развојот на демократијата. Би ги прашал оние што постојано се повикуваат на изразот „Заробена држава“ дали знаат што значи тој термин и дале е направено нешто состојбата да се смени. Прв пат тие зборови ги употреби ЕУ како укажување дека треба да се одвои партијата од државата, односно да се направи поголема независност во јавната администрација. Тоа не само што не е направено туку состојбата е многу полоша, па сега може да се употреби терминот „Позаробена држава“. Пред се, хибридна држава значи дека не постои владеење на правото и правната држава, односно неспроведување на тие мерки од страна на државните институции, хаотична состојба во економијата, газење на слободата на мислење и изразување, немање слободни медиуми и друго. Секако дека при правење на индексот се зема актуелната состојба во државата, кај нас пред се високиот степен на корупција, рекет, наместените тендери и ненаменско делење на државни пари, партиските вработувања, притисоци врз медиумите, притисоци врз правосудството и друго“, анализира Даштевски за Курир.