
Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Лилјана Затуроска на денешната собраниска седница посочи дека Макрадули за овие три години со неговата партија не направи ништо во справување со загаденоста на воздухот.
Денес не е дебата за Северна Македонија, излегувате тука и ние треба рецки да ви пишуваме колку пати заменик министерот Јани Макрадули ја споменува Северна Македонија. Па не е Заев тука да ви пиши петка колку ја употребувате Северна Македонија. Денес говориме за загадувањето на воздухот и сакаме на некој начин да ве разобличиме. Каков беше Јани Макрадули кога настапуваше од ова страна, критизер врз основа точно на оваа тема и каков е Јани Макрадули од оваа страна кој што не извлекол наравоученија од критичните моменти тука и вашето критизерство не сте го примениле ниеден процент, нагласи Затуроска.
Затуроска додаде дека Макрадули сака да покажува листови со заклучоци од Комисијата за транспорт и врски и да се вади бидејќи за овие три години нема ништо сработено.
Зошто го повлековте законот за животна средина? Зошто не донесовте закон за јаглен кој што беше приоритет во заклучоците? Од што се уплашивте? Кој ви рече да не го доставувате законот за јаглен, го запраша Затуроска Макрадули.
Затуроска побара интензивно решавање на проблемот со отпад и дивите депонии на територија на Република Македонија.