
Универзитетски професори, експерти, обвинители и академици ги изнесоа своите ставови за работната верзија од Законот за јавно обвинителство во текот на дводневната јавна расправа во Собранието.
Министерката за правда, Рената Десковска откако ги ислуша најголем дел од забелешките на предлог информираше дека дел од нив ќе бидат земени предвид и дека текстот ќе подлежи на промени. Дескоска најави можни измени во делот на одредбите кои се однесуваат на постапката за избор на јавен обвинител за организиран криминал, како и онаа за постапките кои што се отворени од Специјалното јавно обвинителство.
„Во однос на членовите 108 и 109 кои важат за најтешките прашања во Законот за Јавното обвинителство и кадешто се лоцирани клучните барања на опозицијата, министерката истакна дека ја охрабрува ставот истакнат од повеќе експерти, дека дури и да не биде изрично наведено дека постапките продолжуваат – тие ќе продолжат согласно Законот за кривичната постапка. Тоа значи дека согласно она што беше истакнато вчера во текот на јавната дебата, дава простор за градење на консензус, бидејќи една од забелешките којашто ја истакнува опозицијата е дека не сакаат да се дозволи постапките да продолжат. Ако нема изречна одредба дека продолжуваат, тогаш тие ќе продолжат согласно Законот за кривичната постапка. Но, нема простор за ставање на одредба дека одредени постапки ќе запрат“, потенцираше Дескоска.
Дескоска најави дека уште утре ќе организира средба на работните групи во проширен состав со присуство на сите пратенички групи во Собранието. На средбата очекува да се усогласат ставовите околу спорните точки од предлог законот. Оптимист е дека е можен договор.
Од ВМРО ДПМНЕ кои најавија дека нема да го поддржат предлог како што е сега. Предлог законот го оценија како противуставен и обид за воскреснување на СЈО. Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски вчера рече дека ќе ги почекаат забелешките од јавната расправа и доколку тие бидат преточени во текстот на законот можен е договор.
„Да ја слушнеме јавната расправа, да видиме што ќе се зборува на таа расправа, да извлечеме едно сиже од тоа што е кажано. Ако тоа, како експертска јавност, биде преточено во текстот на законското решение, на Законот за јавното обвинителство, тогаш ние како ВМРО-ДПМНЕ сето тоа ќе го поддржиме и не гледам причина зошто не би било така. Но, ваков каков што е предлогот, ние како ВМРО-ДПМНЕ, овој старо-нов предлог ниту имаме намера, ниту пак ни паѓа напамет да го поддржиме, зашто не сакаме да поддржиме уште една амнестија и аболиција на политичари од минатото, изјави вчера Мицковски.
Сепак од власта не ја отфрлаат можност законот да се гласа и без поддршка од најголемата опозициска партија. Дескоска вели доколку се обезбеди потребното мнозинство и без ВМРО ДПМНЕ гласот ќе биде ставен на дневен ред и изгласан.