
Денес се навршуваат 148 години од раѓањето на кукушанецот, на Mакедонецот, Гоце Делчев. И редно е да се потсетиме на него и на сите како него, кои на возраст од едвај триесеттина години, ги дадоа животите за Македонија. Да се потсетиме на комитите, на војводите, на партизаните, на сите оние кои со името Македонија на усните, херојски гинеа за вековните идеали. Да се потсетиме на Македонците од Кукуш, од Костур, од Петрич, од Горна Џумаја, од Прилеп, од Охрид, кои без разлика на кое парче македонска земја беа родени, гинеа за едно – гинеа за слободна, независна македонска држава. И никако поинаку.
Токму затоа на овој ден пред точно триесет години, во далечната 1990 година, една нова генерација Македонци, во тогашната комунистичка едноумна СФРЈ, ја формира првата политичка партија во тогашна Социјалистичка Република Македонија, ја формираa МААК. Партија крик на македонскиот народ за самостојност и независност, крик за издвојување од наметнатата заедничка држава и возобнова на самостојна, суверена и независна македонска држава, национална држава на македонскиот народ.
МААК, кој се повика на вековните идеали на својот народ, токму на идеалите на Гоце и на Ченто, на идеалите на сите загинати за слободата на македонската земја, со својата појава, го раскрши едноумниот комунистички систем, како лушпа од засмрдено јајце, ја најави македонската политичка пролет и го отвори патот за создавање на уште десттици други политички субјекти со ваква или онаква провиниенција.
Тој и таков МААК веднаш на почетокот, додека уште тогашната најјужна федерална република на СФРЈ беше раководена од сојузното раководство во Белград и неговата експозитура во Скопје, додека сојузните тајни служби беа присутни насекаде како најгрди метастази, додека една од најмоќните армии ЈНА со своето огромно вооружување, се’ уште ги држеше касарните низ Македонија, ете во такви услови го објави првиот таков пишан документ во поновата македонска историја – Манифестот за независна самостојна и суверена Македонија.
Свесни за неизвесностите што претстојат и можните крвави разврски на Балканот, МААК ја донесе Декларацијата за неутрална и демилитаризирана македонска држава, како единствена сигурна брана за соседните големодржавни идеи, но и како единствен начин да се зачува целосниот суверенитет на независната држава. Сметавме и се’ уште сметаме, дека поделбата на суверенитетот е блага форма на врховизам или слугување на туѓи центри на моќ, а токму врховизмот е најголемата закана за македонскиот народ и македонската држава, без оглед на тоа дали доаѓа од Софија, Белград, Москва, Брисел или Вашингтон. Со тоа веќе триесет години МААК е чувар на идејата за целосно суверена македонска држава, нешто што како суверенистичко движење зема замав последниве неколку години.
Во 1995 година МААК се објави за Конзервативна партија и под мотото „Law and order“ (Закон и ред), за првпат го донесе конзерватизмот на овие простори како десна, нацонална, суверенистичка идеологија. Идеологија, која повторно зема замав последниве години.
На 27 мај 1998 година поведени од вековните идеали на својот народ и на неговите херои, токму МААК, во седиштето на Обединетите нации во Женева поднесе „Меморандум за ревизија на Букурешкиот договор“. Побаравме одржување на процес пред Меѓународниот суд на правдата за правно поништување на одлуките донесени во Букурешт со кои македонската земја се дели (изразено во проценти небаре е дивиденда од сработеното) меѓу окупаторските сили на Грција, Бугарија и Србија.
Во 2002-та, на денот на донесувањето на Уставните измени произлезени од предавничкиот Рамковен договор, длабоко свесни дека ќе се згази врз основниот идеал на македонскиот народ за сопствена национална држава, МААК изврши блокада на зградата на македонското Собрание, па пратениците беа принудени преку подземни влезови, онака како што доликува на подземна дејност, да влегуваат во зградата за да со своите кренати раце ја избришат крвта на хероите загинати за националната држава на македонскиот народ.
Во 2016-та, објавивме документ со кој МААК се обврзува да се бори за заштита и промовирање на македонските вредности на Балканот, како брана на се’ позасилените антимакедонски ветришта и за промоција и заштита на православните вредности, како темел на семејството и на државата.
Го пишувам ова за да објаснам зошто денес, после сето ова на што сме се заветиле, не сакаме да бидеме на гробот на херојот, на кукушанецот Гоце Делчев. Зошто секој од нас дома ќе си го запали кандилцето во спомен на Гоце, во спомен на Ченто, во спомен на сите македонски херои, знајни и незнајни. Нема да бидеме таму зашто не сакаме да бидеме во друштво со лицемерите, во друштво со оние што како високи државни и партиски делегации ќе го запоседнат дворот во црквата Свети Спас. Оние лицемери кои ги згазија и ги испоганија токму идеалите на херојот и на целиот македонски народ, бришејќи ја македонската национална држава во 2002-та, со Рамковниот договор и македонското име и идентитет со Преспанскиот договор. Оние лицемери кои формираа комисија која ќе разговара токму за Гоцета, за неговиот татко Никола и за неговата мајка Султана, со иста таква комисија од Софија. Оние лицемери кои токму Гоце го користат за пазарење за остварување на своите хедонистички идеали – влез во НАТО и ЕУ преку бришење на македонското постоење. Оние лицемери кои јавно кажаа „што ќе ни е идентитет, ако немаме пари“. Што ќе им е гоцевиот идентитет на кој денес лажно и лицемерно ќе му се поклонат.
Ете тие, лицемерите, денес ќе положат цвеќе на гробот на Гоце, за, откако му ги испоганија идеалите, откако му го испоганија името и македонската крв, да му го испоганат и вечното почивалиште.
Ние од МААК на роденденот на Гоце, на роденденот на партијата и на роденденот на повеќепартиска Македонија, хероите, знајните и незнајните, па и основачите на партијата, оние починатите, ќе си ги чествуваме во мислите и во срцата. Зашто таму им е местото – во незаборавот.
Слава им.
Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес