Одложување на изборите – влез во нова политичка криза!?

Можноста за одложување на датум за предвремени парламентарни избори на 12-ти април демне уште од првите денови по лидерската средба во Вила Водна кога падна договор да се оди на избори. Оваа опција од вчера повторно е актуелна откако претседателот на СДСМ, Зоран Заев најави дека е Собранието би требало да се самораспушти подоцна од денот предвиден од претседателот на Собранието – 12-ти февруари.

Заев смета дека треба да се дадат неколку денови плус за да остави простор за договор за Законот за јавно обвинителство.

Но, во опозицијата не се согласуваат со овој предлог на власта. Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели Заев повторно бара изговори за да побегне од изборно соочување, но и одговорност, за како што вели, опозицискиот лидер, сторениот криминал.

Мицкоски е дециден дека доколку Заев инсистира на одложување на изборите со тој потег власта ќе ја воведе земјава во сериозна политичка криза.

„Бегањето од избори на Зоран Заев е бегство од соочување со одговорноста. Со ова окажува дека е подготвен целата држава да ја стави во заложништво, само за да се обиде да се спаси себеси.  Зоран Заев има еден приоритет, а тоа е како да одбегне одговорност за сите скандали и афери кои се провлекуваат за неговото име и неговата влада. А, ги има доста… Не е до законот за обвинителство колку што е до анкетите и до навигацијата кој Заев ги добива секој ден на терен. А, кои покажуваат дека СДСМ нема поддршка од граѓаните и разликата во корист на ВМРО-ДПМНЕ од ден на ден се зголемува. Јасно е дека намерата на Заев кој знае дека ги губи изборите е да се обиде да ги одложи и да одбегне одговорност со тоа“, вели Мицкоски.

Заев денеска вели дека и тој не гледа причина за одложување на изборите, но дека треба да се искористи можност на Собранието да му се даде уште неколку дена можност да функционира за да се донесе Законот за обвинителство.

„Изборите можат пак да бидат распишани, и на 60 дена, но распуштањето на Парламентот заради вакво законско решение ако треба ден, два, три, пет, седум, нема проблем никаков да биде тоа направено, како што рече и претседателот на Собранието, смрзнувајќи ги неопходните рокови на ДИК, но тие се врзани со распишување на изборите, не се врзани со распуштањето на Парламентот“, рече претседателот на СДСМ.

Собранискиот спикер Талат Џафери најави дека Собранието ќе се самораспушти на 12-ти февруари, датум до којшто преостануваат уште осум дена. Според Џафери, за изборите да се одржат на 12-ти април Собранието треба да се распушти најдоцна 51 ден пред нивното одржување односно на 21-ви февруари.

Во меѓувреме, власта се обидува да обезбеди 80 гласа за Законот за обвинителство без ВМРО ДПМНЕ. Се најавуваше дека уште денеска ќе се најде предлогот на владина седница, а веднаш потоа и на собраниска. Но, од денешната седница на Влада точката е тргната од дневен ред, што укажува дека власта се уште не може да го обезбеди потребниот број пратенички гласови за да помине предлог законот.