Познат идентитетот на мртвиот маж пронајден кај Канео во Охрид

Вчера попладне околу 13 часот, кај Канео во Охрид, на плажата Лабино, бил пронајден скопјанецот К.С. роден 1956 година. Неофицијалните информации велат дека можно е мажот да паднал од карпата од висина од 30 метри.

Планинарската спасителна служба, ПСС, примила дојава од страна на СВР Охрид, за случена несреќа на карпест и тешко пристапен терен во месноста “Лабино”.

Шестчлена екипа од ПСС, веднаш пристигна на местото на несреќата, но за жал, поради тежината на падот и сериозноста на повредите, беше невозможно да се направи било што за да се спаси животот на настраданото лице.

По падот од голема висина, телото на настраданиот се наоѓаше во близина на Езерото, каде со поддршка од пловен објект на граничната полиција, смртта ја констатира лекар од Итната медицинска помош по што беше спроведена соодветна увидна постапка за утврдување на причините за падот. ПСС при Црвен крст Охрид жали за немилиот настан и апелира до сите љубители на природата, да бидат особено внимателни, кога се движат на карпест и стрмен терен, каде поради ниските температури има појава на голомразица и постои опасност од подлизнување, со можност за сериозни последици.