Прекината е блокадата на железничкиот сообраќај  

Нормализиран е железничкиот товарен сообраќај, а патничкиот ќе биде во функција по полноќ. По петдневниот прекин на работата, попладнево е постигнат договор меѓу машиновозачите и раководството на ЖРСМ Транспорт. Информацијата за МИА ја потврдија раководните органи на ЖРСМ Транспорт и претставници на машиновозачите. Од раководството наведуваат дека со цел фирмата да не трпи дополнителни финансиски штети постигнат е договор од попладнево да се нормализира товарниот сообраќај, откако ќе бидат направени потребните подготовки, а во меѓувреме да продолжат преговорите за барањата на машинскиот персонал.

Вработените бараа зголемување на надоместот за квалитет на плата од 30 на 40 проценти. Душко Чакаровски, претставник на машиновозачите, за МИА изјави дека товарниот сообраќај е во функција, ќе се нормализира и патничкиот, како и дека е договорено да нема санкции против никој.– Постигнат е договор, двете страни се задоволни, и натаму ќе имаме разговори со тоа што повторно укажуваме дека никогаш не сме барале нешто на сила. Сакаме секогаш да бидеме информирани навреме  за состојбите во фирмата, рече Чакаровски.