
„Има време да се донесе Законот за јавно обвинителство, верувам дека до крајот на викендот Владата може да го пушти законот со прифатените забелешки и сугестии на сите пратенички групи. Парламентот да ги искористи трите дена, понеделник, вторник и среда да го гласаме. Тоа не го нарушува воопшто датумот за одржувањето на изборите, изјави лидерот на СДСМ Зоран Заев.
-Апелирам до сите. Од ВМРО-ДПМНЕ дигнав раце, ама апелирам и до нив. Имаме квалитетно законско решение. Внатре имаме фер и еднаков третман за сите, изјави тој.
Во однос на барањата на ВМРО-ДПМНЕ за експертско решение за Законот за ЈО, Заев рече дека две години разговараат и нема ниту еден предлог и решение
– Експерти после две години? Па, јас две години разговарам со господинот Мицкоски. Едно решение да дадоа, да видев едно решение да дадоа. Експертите им се сите на располагање. Две години поминаа. Несериозно е однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ и таквото несериозно однесување ќе се докаже и на изборите, рече Заев.
Повторно нагласи дека изборите ќе се одржат на 12 април, потсетувајќи дека постои можност само за одложување на распуштањето на Парламентот.
– Парламентот дали ќе се распушти на 12 или на 14, 17 законот тоа го дозволува. Како што рече Талат Џафери важно е да се запазат неопходните рокови на ДИК за спроведување на изборите. Тие се некои 52-3 ден“, изјави тој.
За точката за распуштање на Парламентот, рече дека треба сите да ја гласаат како што е договорено.
– Ако дотогаш протоколот за НАТО не е изгласан, зарем треба да го распуштиме Парламентот? Не, треба да го изгласаме протоколот за НАТО, треба да го изгласаме Законот за одбрана и треба да го ставиме на гласање Законот за ЈО. Многу важни работи за нашата интеграција за НАТО и ЕУ. Да бидеме одговорни пред своите граѓани, ќе направиме обид за гласање на овие закони, изјави Заев.