Јапонија го потврди првиот смртен случај од коронавирусот

Првиот смртен случај како последица на зараза со новиот сој коронавирус е потврден на територијата на Јапонија, изјави во четвртокот министерот за здравство, труд и социјална заштита Кацинобу Като.

Министерот истакна дека починала 80-годишна жена од округот Канагава, кој граничи со главниот град Токио. Като ја соопшти информацијата на прес-конференција, без да изнесе повеќе поединости.

Во Јапонија повеќе од 200 луѓе се заразени од коронавирусот кој предизвикува опасна форма на пневмонија. Станува главно збор за патници и членови на екипажот на туристичкиот крстосувач „Diamond Princess“, а на кој во четвртокот беше потврден и првиот случај на зараза на македонски државјанин кој е член на екипажот на бродот.

Истовремено јапонските здравствени власти соопштија дека инфекцијата со вирусот во четвртокот е потврдена и кај таксист во Токио, како и кај лекар во префектурата Вакајама. Како што пренесува агенцијата Kyodo, во болницата во кој работел заболениот стопиран е приемот на нови пациенти.

Меѓу заболените Јапонци, 12 се лица кои биле евакуирани со чартер летови од кинескиот град Вухан, од каде започна ширењето на инфрекцијата.