Објавен оглас за инвеститор за ХЕЦ „Чебрен“

ЕСМ објави меѓународен јавен повик за јавно-приватно партнерство за изградба на ХЕЦ „Чебрен“. Изградбата според планот треба да чини над 570 милиони евра. Седум компании веќе побарале да ја подигнат предтендерската документација. Ова беше речено на денешната прес-конференција на премиерот Оливер Спасовски и директорот на ЕСМ Васко Ковачевски.

Хидроелектраната, како што беше речено на прес-конференцијата, ќе има индикативна инсталирана моќност од 333 MW и годишно производство од 1.000 GWh.

Ковачевски рече дека ЕСМ е сигурна дека може да се изгради оти и анализите направени за интересот на странските компании е голем, но и понудата е добра.

– Приватниот партнер ќе треба да ги обезбеди парите потребни за изградба на електраната, а при тоа ќе има концесија за вода од 60 огдини. ЕСМ како јавен партнер ќе треба да обезбеди да биде изграден пристапен пат до хдроелектраната, поврзување со трафостаница и ќе ја понуди ХЕЦ Тиквеш да биде во состав на ХЕЦ „Чебрен“ бидејќи припаѓа на истото сливно подрачје – информира Ковачевски.