
Власта на поранешниот премиер Зоран Заев и криминалот се во коалиција, а последна потврда за тоа е информацијата дека лицата кои шверцувале кокаин од Мексико добивале и државни тендери, изјави во петокот членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски.
„А денес видовме од медиумите дека има сомнеж за дополнителната заменичка министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска дека директно брифирала по медиуми за текот на акцијата на МВР со што ги довела животите на полицајците под ризик. Значи имаме компанија шверцер на кокаин која добивала државни тендери, и Славјанка, заменик министер за МВР која брифира информации со кој што ја загрозува акцијата“, рече Ѓорѓиевски
Потсети на информациите од претходниот ден, дека фирмата „БАНЕКС Компании„ од Крушопек, чија дејност била увоз на овошје, завчера беше откриена дека заедно со пратките банани пренесувала и кокаин.
Меѓутоа, истата таа фирма на 31-ви декември 2018 година на јавен тендер продала возило на Јавното комунално претпријатие Тетово во износ од милион и пол денари. Тоа е периодот, како што прецизира Ѓорѓиевски, кога Зоран Заев е премиер, Оливер Спасовски министер за внатрешни работи, а Теута Арифи градоначалник на Тетово како кандидат поддржан од СДСМ.
Констатираше дека станува збор за уште еден во низата скандали на актуелната власт и праша кој ќе ја понесе одговорноста за овој случај.
„Замислете од илјадници фирми јавна набавка добила токму оваа фирма Банекс од Крушопек добила и државни пари. Долго време наназад посочувавме дека во Македонија цвета трговијата со дрога, а Заев и Спасовски ништо не презедоа во нејзино сузбивање. Напротив гледаме дека наркокартелите дури и биле поддржувани со народни пари. Но дали е само оваа помош, помошта која ја добиле од власта на Зоран Заев и Оливер Спасовски?“, посочи претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Доволен повод за сомнеж кај властите за нелегални активности на фирмата „Банекс“, рече Ѓорѓиевски, требало да им биде фактот што таа фирма во 2018 година пријавила обрт од околу 3 милиони евра.
„Ќе признаете дека оваа сума е незамислива за многу други сериозни компании, а не за една фирма која увезува овошје. Колку ли пратки со кокаин Бенекс направиле во време на Зоран Заев и Оливер Спасовски? Колку од кокаинот поминал низ Македонија, а колку останал да се продава тука? Колку милиони евра била заработката на наркокартелот од Крушопек и дали од тие милиони завршиле кај претставници од власта?“, рече Ѓеорѓиевски.
Во продолжение од конференцијата за новинарите, тој се осврна и на сомневањеата кои се јавија кај дел од јавноста, дека високи полициски функционери, предводени директно од заменичката на дополнителниот министер за внатрешни работи, Славјанка Петровск, ја загрозиле акцијата на специјалните полициски сили во Крушопек, а со тоа животите на полициските службеници.
„Во текот на акцијата прво по социјални мрежи, а потоа и во медиуми биле лиферувана веста за акцијата за сузбивање на трговија со дрога, па биле пуштани полувистини. Дали на тој начин биле информирани наркокартелите и се попречувало во спроведувањето на полициската операција“, рече Ѓорѓиевски.
Притоа запраша дало е „дотаму дојдено“ што „структурите во полицијата поврзани со подземјето“ минираат акции на своите колеги и со тоа да ги доведуваат во опасност.