
Македонската кошаркарска репрезентација по долгиот пат кон Перм, денеска го одржа единствениот тренинг пред утрешниот дуел со Русија.
„Црвено-жолтите“ по неочекуваниот пораз во четвртокот на домашен терен од Естонија, не се откажуваат од амбицијата да изборат пласман на Европското првенство 2021.
– Патувавме 17 часа, преку Софија и Москва и пристигнавме во два часот после полноќ. Според распоредот, имаме тренинг во времето на одигрување на натпреварот на кој ќе се обидеме да испробаме некои тактички замисли. Атмосферата е добра бидејќи и играчите, како и јас, веруваат во овој процес. Сите добро знаеме дека една загубена битка не значи и загубена војна, порачува селекторот Александар Тодоров.
Средбата е закажана за утре од 16 часот во арена „Молот“ која за кошаркарски натпревари има капацитет од 7.000 места и според пишувањата во руските медиуми, се очекува комплетно да биде исполнета.