За енергетска обнова на домовите Мицкоски вети половина од трошоците да ги покрива државата

Инвестирањето во екологијата и во енергетиката подразбира инвестирање во здравјето на сите и во иднината на сите, порача на денешната прес-конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

– Се обврзуваме на обнова која подразбира енергетска обнова на домовите на граѓаните. Односно овозможување секое семејство да дојде до нова фасада и оков на својот дом при што за инвестицијата половина ќе покрие државата, односно 50-тина проценти е на трошок на државата. Фактичката состојба покажува дека многу од домовите на граѓаните се енергетски неефикасни, или воопшто немаат фасада, а нивната обнова пак или изградба на фасада чини пари. Затоа се обврзувам дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе финансира половина од трошоците за изградба на нова енергетска фасада и замена на ефикасен оков во домовите. Со оваа мерка ќе се намали непродуктивното користење на енергијата, а тоа пак ќе придонесе за заштита на животната средина. Тоа за граѓаните ќе значи топол дом на зима, и ладен на лето и секако она кое што е најважно пониски сметки за топлинска енергија и заштеда на нивните семејни буџети и повеќе пари за семејствата. Ова е проект кој што подразбира заживување на градежната индустрија, намалување на специфичната потрошувачка на енергенси за затоплување на домовите за индивидуално и колективно домување, но истовремено подразбира и заштита на животната средина. На прашањето зошто, затоа што ние како држава сме пет пати понеенергетски неефикасни од тоа што е просекот во ЕУ. Односно трошиме 5 пати повеќе енергија за затоплување на домовите од тоа што се троши во ЕУ. Тоа значи дека повеќе имаме емисија на штетни честички во воздухот и поголемо загадување на животната средина, потенцира Мицкоски.