„Пирати од Леденото Море“ од Фрида Нилсон -фантастична бајка со многу пресврти

Во издание на „Бата прес“ на македонски јазик се објави книгата за деца и млади „Пирати од Леденото Море“ од познатата шведската писателка Фрида Нилсон, а инвентивните и богати слики во оваа популарна скандинавска бајка се дело на илустраторот Александер Јансон. Делото од шведски го преведе писателот Ивица Челиковиќ.

Во „Пирати од Леденото Море“ постои еден студен островски свет населен со сирени, бели волци, борбени и сурови луѓе, но и со опасни пирати. Капетанот Белоглав едри наоколу со својот бел брод, Снежен гавран и ги пљачкосува жителите на малите острови. Но за него не се важни златото и среброто и другите скапоцености. Единствениот плен што тој го сака, тоа се мали деца што стануваат робови во неговиот страшен и темен дијамантски рудник. Нешто најлошо што може да му се случи на едно дете.

„Твојата сестра ја нема. Така се случува со оние што ги грабнува Белоглавиот. Тие… повеќе не постојат…“ Тој ден кога ја грабнал сестричката на Сири ‒ Белоглавиот добил противник на кого не сметал. Сири се осмелила да го направи тоа на што никој друг порано не смеел ни да помисли – да тргне храбро во потрага по озлогласениот пират.

За младите читатели, ама и за возрасните, ова е вистинско читачко доживување кое поставува прашања за суровата моќ и за храброста таа да биде предизвикана. Во книгата се одвива возбудлива авантура која се претвора во една фантастична бајка со многу пресврти, која нè учи дека и доброто и лошото што го правиме… оставаат траги. Со „Пирати од Леденото Море“ Фрида Нилсон создала епска приказна за сестринството, храброста и за значењето да се сочува човештината во студениот свет на возрасните.

За уметничкиот квалитет на делото говорат престижните награди што ги освои ‒ Expressen’s Heffaklumpen, Nils Holgersson Plaque, BMF Plaque, како и номинациите за исклучително значајните светски признанија ‒ August Prize, White Ravens и Nordic Council.

Фрида Нилсон (1979) е родена во Хардемо, Шведска. Покрај тоа што е авторка на повеќе детски книги, исто така преведува, а држи и театарски курсеви за деца и пишува сценарија за радио и телевизија.

Објавата на „Пирати од Леденото Море“ на македонски јазик е дел од проектот на Бата прес ‒ „Време е за книга“. Визионерската цел на проектот е времето на младите поминато по социјалните мрежи на електронските уреди, да го заменат со читање литература во печатено или електронско издание.

Овој проект е поддржан од Европската унија во рамките на проектот „Креативна Европа“, а објавувањето на делото е поддржано и во програмата на Министерството за култура за 2019 година, како и од Советот за култура на Шведска.