
Двајцата туристи од Австралија и Сингапур кои беа тестирани, откако во еден хотел во центарот на Скопје се пожалиле на симптоми слични на грип, немаат коронавирус, соопштија од Министерството за здравство.
Утрово по пријава на вработени од хотелот, епидемиолозите од Центарот за јавно здравје Скопје од пациентите земаа брисеви за тестирање во нивната хотелска соба.
Од Министерството информираат дека денеска е направен контролен тест и на единствената заболена пациентка од коронавирус и тој е негативен.
„Тоа значи дека опаѓа нејзината инфективност, но согласно процедурата, истиот ќе биде повторен по 48 часа. На коронавирус е негативна и нејзината ќерка која исто така денеска беше тестирана“, додаваат од Министерството за здравство.
Министерот Филипче денеска побара од Владата да донесе одлука до 13 март да важи забраната за организирање јавни настани , а спортските натпревари да се одржуваат без публика.