5.8 C
Skopje
недела, март 2, 2025

Јанушев: Ветија живот, донесоа иселување и разочарување, крајот им се гледа

Една земја е успешна, колку што нејзиниот народ е среќен. Жалам што мора да кажам дека Македонија никогаш не била понеуспешна, а народот понесреќен а причината за тоа е овој хибриден режим на оваа криминално рекетарска банда на власт и таа има свое име и презиме а тоа е Зоран Заев, истакна Игор Јанушев, Генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и Носител на Изборна единица 3, од настанот Конвенција за преставување на кандидатите за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалиција „За обнова на Македонија“.

„Власта на Заев ја уби секоја надеж на граѓанинот и создаде чувство на апатија поради изневерените очекувања, поразите и неуспесите кои ги донесе. Резултатот на тоа се десетици автобуси кои неделно заминуваат од Делчево, Кочани, Штип, Велес, но и Битола, Тетово, Куманово Скопје. Заминуваат од државата која забрзано се празни. Се празнат селата и градовите во нашата Македонија. За тоа виновен е Заев и неговите погубни политики, особено во оние во Луј Витон судството, а кога сме тука, тука го имаме најдобриот тандем, тандемот Зоран Заев и Катица Јанева. Пред 4 години ветуваа живот, а донесоа пустош. Се сеќавате носеа чевли пред владата, ветуваа ќе ги врателе младите, а што добивме, добивме невиден егзодус, бела чума и масовно отселување. Што фатија, исушија. Се дограбаа до власт и почнаа да работат само на свое лично богатење. Но секој почеток има свој крај, а овие крајот им се гледа брзо. Е тоа е народот во Македонија, тоа е Македонецот“, рече јанушев.

Порача дека ВМРО-ДПМНЕ веднаш по победата на изборите на 12-ти април ќе ја започне обновата на земјата и „крај на поразите“.

„По 12 април Македонија се исправува, Македонија почнува да чекори напред и победува. Да создадеме перспективи и иднина тука во Македонија. Секој човек, сите ние  живее во сегашноста, но, работи за иднината, за себе и за своите деца. Нашата иднина била и ќе остане Македонија со сиот потенцијал и можности кои ги има. Ако ги искористиме, ако создадеме пристојна земја со владеење на правото, економски развој, квалитетно здравство и образование, со почитувани и вреднувани земјоделци тогаш Македонија ќе стане земја со среќни и успешни луѓе.  Луѓе со исправена кичма. Ќе дадеме можност на сите да се вклучат во нашата борба за напредна Македонија. Подаваме рака на секого, зошто Македонија е во прашање. Ќе дадеме можност на сите кои знаат и умеат. Како млад човек верувам и ќе се борам младите да станат двигателот, моторот на напредокот и промените. Тоа е и мој сон. Тоа е сонот кој го сонуваме сите и заедно да го направиме стварност“.

Верувам, потенцираше Јанушев, во верниот исток, верувам во народот и верувам во вас, заедно ќе се избориме за повеќе и подобро.

„Македонијо време е за одлуки. Обновата не е само политички и партиски слоган. Обновата е планот за подобро утре. Ве повикувам сите кои искрено ја сакате Македонија да застанеме рамо до рамо и заедно да почнеме да извојуваме победи. Првата ќе биде токму на 12 април. Ова го должиме на нашата татковина. И го должиме идеалот за Успешна Македонија и тој идеал за успешна Македонија е вистинскиот патриотизам. Одиме на сигурна и убедлива победа“, порача Јанушев.