Србија воведе апсолутна забрана за движење од 20 до 5 часот наутро

Српската влада во вторникот вечерта воведе апсолутна забрана за движење од 20 часот навечер до 5 часот наутро и апсолутна забрана за излегување од своите домови за сите граѓани повозрасни од 65 години во градовите, а во населените места до 5.000 жители на лицата постари од 70 години.

Претседателот Александар Вучиќ изјави дека војската под своја контрола ќе ги преземе сите гранични премини, сите болници и сите 17 центри за мигранти, и оти ќе биде вооружена „за да ги заштити лекарите од инцидентите“ на неодговорни граѓани и да спречи „коронавирусот да влезе во болниците“.

Апсолутната забрана за движење ќе важи од средата во 20 часот до 5 часот наутро, а за постарите од 65 години во градовите и од 70 години во помалите места во средата од 10 часот, рече Вучиќ по седницата на владата.

Вучиќ најави дека Србија во текот на седмицава од Кина ќе ја добие неопходната помош во бробтата против коронавирусот.

Во Србија до вторникот вечерта во 18 часот се потврдени вкупно 72 случаи на коронавирусот.