
Претседателот Стево Пендаровски вчера ја изненади нацијата кога го одби предлогот да се воведе вонредна состојба во Македонија. Овој потег би значел да се официјализира состојбата во која Македонија веќе со денови живее. Владата издава наредби со кои се ограничува движењето на граѓаните, влезот и излезот во земјата, се регулираат цените и низа други чекори за кои, по закон, пишува Република.
Засега само Дебар и Центар Жупа се под кризна состојба, но опасноста од ширење на вирусот важи на целата територија на Македонија, а соодветната мерка да се прогласи кризна состојба низ целата земја сѐ уште не е донесена, и покрај тоа што Владата се однесува како тоа да е случај.
Во услови на делумна или целосна кризна состојба, одговорноста паѓа на Владата. Но, единствената уставна категорија која го регулира ова прашање е прогласувањето вонредна состојба, и тогаш значителен дел од одговорноста се префрла на претседателот.
„Вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии“, пишува во Уставот – услов за кој претставници на Владата, при вчерашната средба со Пендаровски, инсистирале дека веќе е исполнет.
Пендаровски самиот ја потврди оваа состојба на теренот, велејќи дека некои мерките кои веќе се преземаат и без прогласување кризна состојба низ целата Македонија, или вонредна состојба. Но, Пендаровски се спротивставил на предлогот кој доаѓал од претставници на Владата како што се Радмила Шекеринска и Никола Димитров, да предложи прогласување на вонредна состојба. Освен што го прифати предлогот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да свика лидерска средба на која ќе се разговара за логичниот чекор да се одложат изборите, Пендаровски досега не покажа иницијатива во кризата, и со задоволство и препушти на Владата да ја понесе одговорноста за брзата ескалација на состојбата, при што секој нов ден носи новозаболени и нови потреси за општеството и економијата.
Ресорот надворешни работи е еден од тие кои имаа најлош учинок во кризата – македонски граѓани се најдоа заглавени во повеќе земји низ светот и добија малку или никаква помош за да се вратат дома.
Армијата исто така ја нема на теренот, за разлика од големиот број соседни и европски држави кои прогласија кризна или вонредна состојба, и каде војската помага да се обезбеди колку – толку нормален живот во услови на епидемија.
Единствено ресорот здравство ја држи јавноста информирана за состојбата, но имаше и сериозни пропусти како случајот со директорката Нина Цаца Билјановска, поради која дојде до сериозна драма во клиничкиот центар во Скопје.
Оттаму, и Шекеринска и Димитров имаат силен мотив да ја префрлат одговорноста за кризата на некој друг, а најпогоден за тоа е претседателот Пендаровски, кој и според Уставот би требало да има далеку поголема улога во справувањето со кризата. Ако министерот Филипче извиси на избирачките листи на СДСМ, Шекеринска и Димитров се носители на листа, и растечките проблеми со епидемијата може лошо да се одразат на нивниот учинок на изборите, кога и да се одржат. Но, Пендаровски вчера, по средбата со водечките министри, премиерот и другите членови на Советот за безбедност, јавно и се заблагодари на Владата и ја отфрли можноста да прогласи вонредна состојба и да се вклучи во решавањето на кризата.