Ако продолжи епидемијата, ќе продолжи и вонредната состојба

„Сакам да ве уверам дека денес неколку часа по одлуката за вонредната состојба ние сите заедно сме повеќе сплотени и стоиме пред предизвикот за одговорност. Оваа одлука е вистинска мерка за јавното здравје и животот на граѓаните. Ги преземаме сите мерки за заштита на граѓаните. Одлуките се во насока колку е можно помалку да се наштети на економијата и стопанството. Со овластувањата на Владата ваквите политики ќе може полесно да се носат. Вонредната состојба ќе ја совладаме на најдобар можен начин за успешно спречување и ширење на коронавирусот. Да ги почитуваме мерките и да се заштитиме себе и нашите најблиски. Да покажеме дека сме посветени да ги почитуваме мерките и да се справиме со состојбата со коронавирусот”, рече Спасовски.

Ако ситуацијата со заразата со коронаворусот се смири, вонредната состојба може да биде прекината по 30 дена, но ако продолжи епидемијата, тогаш вонредната состојба може да се продолжи. Воведувањето на вонредната состојба само ѝ дава можност на Владата да носи уредби со законска сила.

Вонредната состојба не значи полициски час, забрана на движење, затворање продавници. Важат мерките кои досега се донесени од владата, исто е како и пред воведувањето на вонредната сосотојба само што сега владата доби поголеми надлежности за справувањето со оваа криза. Никој веќе нема дилеми дека настапија околности од членот 125 од Уставот за прогласување на вонредна состојба. Постои и уставна можност за ограничување на граѓаните за време на вонредна состојба ако има таква потреба. Ниедно ограничување не смее да биде дискриминаторско. Нашата заложба како влада е ограничувањето да биде минимално. Апелирам сите доброволно и совесно да ги почитуваме мерките и препораките на Министерството за здравство и на Владата за да нема потреба од воведување построги мерки и ограничувања – објасни Дескоска.

Премиерот Спасовски рече дека вонредната состојба нама да го замре животот во државата.

„Се продолжува да функционира исто како и вчера и нема нови рестрикции. Исклучок се само Дебар И Центар Жупа кои се жаришта на вирусот и таму има кризна состојба. Остануваат мерките за јавни собири и собирање во објекти во затворено. Јавноста за се што е ново ќе биде информирана на дневна основа. Упатувам порака до највозрасните, родителите, бабите и дедовците останете дома. Ако имате потреба обратете се во општината и во Црвениот Крст. Лицата кои ќе почувствуваат и најмали симптоми да се јават веднаш на телефонските линии на Центарот за јавно здравје. Не отстапуваме ниту педа да работиме за добро здравје на сите нас. Вонредната состојба значи само олеснување на состојбата и можност за носење сериозни одлуки”, појасни Спасовски.

Тој упати желби за закрепнување на заболените од коронавирусот и додаде дека сите ќе бидат редовно известувани за се што ќе се носи ново како мерки.

Спасовски појасни дека најчести прекршители на непочитување на одлуките на Владата се граѓаните.

„Апелирам до сите граѓани кои треба да бидат самоизолирани и кои потпишаа изјави за тоа, да ги почитуваат мерките. Тука ќе бидеме многу ригорозни и строги и ако се загрозува здравјето на граѓаните секако дека ќе се применат и одредби од Кривичниот закон”, посочи Спасовски.