Мерките за коронавирусот не се почитуваат, следува нивно заострување!

Министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција информираше дека ќе предложи заострување на мерките.

-Јас сум свесен дека оваа ситуација го смени животот и дека луѓето се соочени со стравот, кој не треба да стане ирационален. Мора сите да сме свесни дека таа самоизолација е спасот и начинот да се стави крај на ширење на инфекцијата. Во оваа битка учествуваме сите, секој еден од нас мора да помогне да се надмине оваа кризна ситуација, светска здравствена криза. Мерките се согласно препораките и степенот на ширење на вирусот. Имаме податоци дека мерките не се почитуваат, на денешната седница ќе предложам заострување на мерките, особено во делови на државата. Потоа ќе инфорирам за донесените одлуки, рече Филипче.

Билансот досега е 70 заразени, од кои за 19 беше информирано претпладнето, а уште три нови случаи се регистрирани во текот на денот. Вкупниот број на тестирани денеска е 43, од кои три се позитивни. Една пациентка патувала во Србија, втората пациентка е бабата на девојчето од Штип и уште еден пациент од Скопје.

Градови во кои сега има дијагностицирано пациенти, како што рече Филипче, се Скопје, Дебар, Гостивар Штип и Охрид. Сите пациенти, како што нагласи, се со реалтивно стабилна клиничка слика, лесна до средна. Единствено, пациентката од Дебар, која е на респираторна машина, доцна синоќа навлегла во мошне критична ситуација. Сите други пациенти, според министерот, се со непроменета состојба. Имало домашна визита кај пациенти кои се на домашно лекување. Од вкупниот број пациенти, двајца се во фаза на оздравување.

За сите заразени, според Филипче, има информации кои укажуваат на тоа дека имале контакт со заболен или со носител на вирусот. Во земјава засега не е регистрирано автохтоно жариште на вирусот. И новите 17 случаи што се дијагностицирани во болницата „Жан Митрев“ се поврзани со претходни случаи на заразени. Просечната возраст на новите пациенти е 40 години.