
Француското министерство за здравство во саботата вечерта објави дека во последните 24 часа во земјата од Covid-19 починале уште 112 лица, па со тоа севкупно досега како последици од заразата со новиот тип коронавирус во Франција починале 562 лица.
„Оваа сабота, 21-ви март, регистрирани се 14.459 потврдени случаи на инфицирање со коронавирусот… Во болниците починаа 562 луѓе“, се наведува во соопштението.
Во петокот бројот на заразените беше 12.612 лица, од кои 450 починати.
Од вкупниот број заразени хоспитализирани се 6.172 пациенти, од кои 1.525 се во тешка состојба. Половината од тешките случаи се помлади од 60 години.
Од почетокот на епидемијата во Франција биле изведени повеќе од 60.000 тестови на коронавирусот, а секојдневно се спроведуваат повеќе од 4.000 тестови.
Поради рапидното ширење на заразата, во Франција дополнително се заоструваат ограничувањата на движењето кои граѓаните во многу случаи не ги почитувале. Почнувајќи од 23 часот до утрото во Ница не смее да има движење по јавните простори. Контрола на движењето е воведена и во Париз, каде ќе биде блокиран пристапот до бреговите на Сена.