Кај починатата пациентка два теста биле негативни, дури по смртта потврдена заразата со коронавирус

Министерот за здравство Венко Филипче на почетокот од вечерниот брифинг за новинарите на далечина во неделатам, појасни дека починатата жена од Куманово, првата жртва на заразата во земјата, дури по смртта е утврдено дека била заразена од коронавирусот.

Првиот преглед на жената бил спроведени на 16-ти март, кога според лекарите од кумановската болница, таа дошла со температура и без други симптоми. Веднаш ѝ биле поставени прашања, но одговорила дека не патувала во странство и немала контакт со заболено лице, по што ѝ била дадена терапија и заминала дома. Но, наредниот ден дошла во болницата заедно со синот, и двајцата со температура и без кашлица. Повторно била направена епидемиолошка анкета и пациентката повторно негирала.

На 17-ти и 18-ти март и двајцата примиле терапија, но немале кашлица и третманот бил во дневната болница во Куманово. Но, на 19-ти март имала потежок наод на белите дробови, била констатирана пневмонија и двајцата се сместени во одделот за изолација.

Како што кажа Филипче, на 19-ти и на 20-ти март во два наврата биле земени материјали за анализа и на 19-ти март и кај двајцата биле негативни на коронавирус. Кај мајката тестот е повторен наредниот ден и повторно бил негативен. Состојбата кај пацентката се влошила на 21-ви март, имало обид за реанимација, но без успех. Компликацијата настанала нагло, што е нетипично за друга болест, па посмртно е земен повторно материјал за анализа и тесто бил позитивен на коронавирусот.

Филипче објасни дека биле преиспитани материјалите од првите анализи и било потврдено дека се негативни.

На здравствените работници кои биле во контакт со пациентката којашто почина од ковид-19 им се прави епидемиолошка анкета, рече Филипче. Како што кажа тој, во зависност од резултатите ним би можело да им се направат тестирања или пак, да се стават во изолација.

Министерот информираше и дека имаат список на околу 200 лекари и 400 медицински сестри, дел од нив се и млади, тукушто дипломирани лекари, обучени за интензивна работа, пензионирани лекари. Сите тие се подготвени да помогнат кога ќе има потреба од тоа, уверува Филипче.

Во однос на враќањето на македонските граѓани, Филипче рече дека денеска до пладне вратени биле  стотина наши државјани и упатени во објектот во Демир Капија. Очекуваме бројка од 2.000 макеоднски граѓани кои деновиве сакаат да се вратат во татковината, изјави Филипче.

На прашањето дали кај нас се употребува лекот против маларија што се покажа како ефикасен лек против коронавирус, Филипче потврди дека има позитивни искуства од примената на лекот против маларија и антибиотик. „Кај нас се изготвува протоколот заедно со експертите од Факултетот на фармација и согласно со тоа ќе се донесе конечен став. Ние го имаме антибиотикот, но не и лекот против маларија и верувам дека имаме шанси да добиеме од тој лек“, рече министерот.