Македонија бележи 29 новозаразени од коронавирусот, вкупно 114

Во текот на изминатото деноноќие регестрирани се нови 29 случаи на зараза со новиот тип коронавирус во земјата, со што вкупниот број на регистрирани случаи во Македонија се искачи на 114 лица, покажуваат последните неофицијални податоци во  министерството за здравство.

Се очекува овие податоци официјално да бидат потврдени наскоро, а повеќе детали ќе соопшти министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција во 15 часот.

Министерството за здравство потврди во меѓувреме дека во изминатото деноноќие се регистрирани 29 нови случаи на коронавирус во земјата. Со ова бројката на дијагностицирани пациенти со КОВИД-19 денеска до 12.00 часот, изнесува 114. По градови: Скопје (22), Штип (3), Дебар (2), Куманово (1) и Охрид (1).

Според местото на живеење, досега случаи на КОВИД-19 се регистрирани во: Скопје (65), Дебар (36), Штип (7), Кавадарци (2), Охрид (2), Гостивар (1), Куманово (1).

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во моментов се хоспитализирани 24 пациенти. 7 пациенти се континуирано на третман со кислород, 11 се веќе во стабилна – добра здравствена состојба. Утре, по истекот на 14 дена од поставување дијагноза, кај 6 пациенти ќе се зема контролен брис. Од нив 5 се во добра состојба, а кај пациентката кај која имаше влошување нема промена на состојбата и таа се уште е на респираторна машина. Пациенти кои се на домашно лекување се во постојан контакт со лекарите.

Од саботата состојбата со епидемијата од коронавирусот во земјата и бројот на новозаразени се објавува еднаш дневно за претходните 24 часа, на прес-конференција која според најновата одредба на Владата се одвива без присуство на новинари.