Белоруското првенство се играше и викендов, Лукашенко: Тука нема коронавирус

Белоруското фудбалско првенство продолжи и овој викенд и покрај пандемијата на коронавирусот, којашто го парализираше целиот спорт на планетата.

Белоруската Премиер лига е единственото европско фудбалско првенство во кое сѐ уште се игра, а овој викенд беше одиграно второто коло.

Дербито на колото меѓу Минск и градскиот ривал Динамо на стадионот во белоруската претолнина привлеле околу 3.000 навивачи. По две одиграни кола водат Минск, Енергетик БГУ, Ислох и Торпедо БелАЗ со по две победи.

Во Белорусија во моментов има помалку од 100 случаи на заразени со коронавирусот од кои оздравеле досега 34 луѓе, а починати засега нема во оваа држава која има 9,5 милиони жители.

Повеќето европски земји се во карантин, но белорускиот претседател Александр Лукашенко не е загрижен. Дури на сонародниците им предложи да пијат водка, за да се борат против болеста.

„Апсолутна глупост е да се затвораат државните граници. Паниката може да ни наштети повеќе од самиот вирус“, изјави Лукашенко.

Лукашенко предложи наместо паника, неговите сонародници да пијат водка, двапати седмично да одат во сауна и да продолжат да работат на своите фарми, бидејќи „тракторот може сѐ да излечи“.

„Подобро е да се умре стоејќи, отколку да се живее на коленици. Тука нема вируси, не ги гледам!“, изјави Лукашенко во саботата на локалната телевизија по хокеарски натпревар.

Фудбалскиот сојуз на Белорусија соопшти дека ги преземал сите мерки на предострожност, за натпреварите да се играат непречено.

„Ги преземавме сите мерки коишто ги препорача министерството за спорт. Сите коишто се во контакт со навивачите добија ракавици“, изјави портпаролот на сојузот, Александр Алејник.