
Со часови вработените во приватната амбуланта Викторија во општина Бутел чекаа да бидат испратени екипи од Институтот за јавно здравје за да земат брисеви откако во оваа здраствена установа било донесено лице кое веќе било починато, објави ТВ 21.
Сопственикот на амбулантата, веднаш побарал да дојдат екипи за да се направи контрола дали починатиот имал коронавирус, со оглед на вонредната состојба со корона вирусот, а особено поради тоа што и целиот медицински персонал, но и соседите на починатиот биле во директен контакт со него, но оттаму му рекле дека лицето бидејќи е починато нема потреба да доаѓаат.
Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска на прес конференцијата кажа дека истите правила важат и за починати лица и дека и тие треба да бидат тестирани.
„Апсолутно не се прави индикација за тестирање само врз основа на анамнеза, еве може и од членови на семејството, ако станува збор за конкретниот случај и врз основа на таа епидемиолошка анкета, за која што податок може да дадат и членови на семејството. Во смисла на индикација за тестирање на починати лица важи постмортем, важат истите правила“, истакна Венко Филипче.
Безживотното тело во амбулантата било донесено во 12.30 часот. Докторите и сестрите кои веднаш интервенирале и се обиделе да помогнат, но веќе било доцна. Пациентот бил на околу 65-годишна возраст и не давал знаци на живот, стои во изјавата.
Последните информации велат дека телото е земено на обдукција за да се утврдат причините за смртта.
