
Владата на СДСМ вчера донесе скандалозна одлука дека, и покрај епидемијата на корона вирусот и проектираната дупка во буџетот која се мери во милијарди евра, вработувањата во државниот апарат мора да продолжат.
Мерките се претставени како мерки за штедење во Буџетот, и тие ќе доведат до кратење на К-15 за вработените, но забраната за вработување која беше најавувана е полна со дупки и практично ќе овозможи да продолжат вработувањата планирани во важната изборна година, пишува Република.
Владата заклучи да не се стопираат трајните вработувања во јавниот сектор за кои има издадена согласност од Министерството за финансии.
Исто така, во одлуката во која се забранува вработување на нови службеници во јавната администрација преку агенции за привремени вработувања и на доовоор за дело, останува можноста за нивно ангажирање доколку се во здравствениот сектор и во други сектори кои се значајни за справување со корона вирусот – што во пракса може да се покаже како многу широка дефиниција.
Со овие одлуки, наместо панично најавуваното кратење на платите во јавниот сектор на минималец, дојдовме во ситуација Владата на СДСМ да продолжи да вработува лица и трајно и преку агенциите за привремено вработување, доколку Министерството за финансии за тоа дало согласност.
Тоа е истото Министерство кое буџетската дупка ја проценува на меѓу 700 милиони и 1.3 милијарди евра – дефицит досега невиден во историјата на Македонија.
Опозицијата постојано предупредуваше дека планот на Владата на СДСМ во изборната година е максимално да ги отвори токовите на пари за вработување на се уште незгрижените партиски активисти, кои му се неопходни на СДСМ да ја одржи својата популарност по серијата корупциски скандали и национални понижувања. Неочекуваниот удар на епидемијата Ковид-19 покажа колку буџетот реално бил подреден на партиските цели, со трошењето фокусирано во периодот пред 12 април, кога требаше да се одржат изборите.
Ниту највнимателно димензиониран буџет не можеше да го издржи ударот на економскиот колапс кој во моментов и се случува на Македонија, но партиски проектираниот буџет на Зоран Заев пукна како меур од сапуница, при што дури и самиот Заев го нарекува обичен лист хартија за кој уште во март е јасно дека нема ни приближно да се реализира.
Но, изборите мора да се случат порано или подоцна, и СДСМ, со одлуките на владата, вчера покажа дека планира да го спроведе првично зацртаниот план и да продолжи со партиските вработувања и покрај невидениот дефицит. Додека приватниот сектор доживува целосна катастрофа и малите и средни претпријатија не знаат како да ја исплатат следната плата, партиските војници на СДСМ си ги бараат ветените предизборни вработувања, и по се изгледа ќе си ги добијат.