Владата дури вечерва ги објави мерките за рестрикциите на движењето во Куманово

Владата на денешната 34-та седница одржана во петокот вечерта, донесе одлука за забрана и посебен режим на движењето на населението (полициски час) во Општина Куманово, и тоа целосна забрана за време на викенд, почнувајќи од 21:00 часот во петок (денеска) до 05:00 часот во понеделник (06.04.2020 година).

Оваа информација беше официјално објавена од владината служба за односи со јавноста само половина час пред започнувањето на воведувањето на целосната забрана за движње во Општина Куманово, што создаде хаос во градот, затоа што со претходна уредба дел од продавниците за основните продукти работат со ограничено работно време до 17 и до 19 часот. Така, граѓаните одржувајќи ја мерката за оддалеченоста создадоа големи редици и гужви пред продавниците.

Во работните денови, од понеделник до петок, забраната важи секој ден во периодот од 16:00 до 05:00 часот.

За земјоделските активности, дозволено е движење во рамки на територијата (атарот) на селата, исклучиво за работните потреби.

Аптеките ќе работат непречено, а Министерството за здравство ќе изработи план за непречена работа и на здравствените установи на подрачјето на Општина Куманово.

Исклучоците од забраната за движење важат за полицијата, армијата, здравствените работници (во ЈЗУ и ПЗИ, како и матичните лекари) кои своите работни ангажмани ќе ги реализираат непречено.

Владата ја прифати информацијата на Комисијата за заразни болести која препорача сите вработени во здравствениот систем кои се од Куманово, а работат во други градови во државата, да се стават на располагање на болницата во Куманово.

Ќе се определат инфектолози од другите градови во регионот, Крива Паланка и Кратово, кои ќе бидат повлечени за да работат во Центарот за јавно здравје во Куманово.

Здравствениот персонал што ќе биде ангажиран како дополнителен, ќе работи најмногу 14 дена, а потоа ќе биде заменет со нов тим според систем на ротација.