Сојузот на ротари клубовите донира 1,4 милиони денари за јавното здравство

Сојузот на Ротари клубовите донира опрема и финансиски средства како поддршка на здравствениот систем во борбата против Covid-19 во вредност од 1,4 милиони денари.

Во здравствените установи веќе се испорачани четири монитори за пациенти, 15 пулсоксиметри, 100 заштитни визири, 1000 заштитни маски KN95-A за медицинскиот персонал и 200 крпи. Парите се  лични донации од членовите на Ротари клубовите.

Вкупната вредност на досега донираната опрема и финансиски средства собрани од страна на Ротари клубовите ширум земјата, наменети како поддршка на здравствените установи, надминува 40 илјади евра.

– Борбата против болестите е една од главните области на делување на ротаријанците ширум светот. Во овие моменти кога нашата земја и целиот свет се соочува со огромен предизвик како што е пандемијата од корона вирусот, неопходно е да ги здружиме сите расположливи сили и да помогнеме онаму каде што е најнеопходно, а тоа секако се здравствениот систем, медицинскиот персонал и пациентите. Како индивидуи, но и како Сојуз на ротари клубови ќе направиме се што е во наша моќ и понатаму да му помагаме на здравствениот систем и на нашата земја, заеднички да излеземе како победници од оваа криза – вели Никола Петкоски, координатор на Сојузот на Ротари клубови на Северна Македонија.

Во нашата земја делуваат 20 Ротари клубови кои обезбедуваат активна и континуирана поддршка во различни општествени области.