
Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција најави дека веќе од следната седмица Владата ќе почне со подотовки за враќање на граѓаните и стопанството во вообичаениот животен тек, откако ќе бидат укинати рестриктивните мерки поради коронавирусот.
Тој повтори дека е добро што продолжува линераниот раст на заразени, како охрабрување дека здравствениот систем ќе може да го издржи приливот на нови пациенти.
– Пред нас е првиот викенд со целосна забрана за движење на целата територија на државата. Верувам дека апсолутно сите граѓани ја разбираат потребата од вакви мерки. Знам дека е многу тешко да се остане дома на толку убаво време, ама ова се моменти кога треба да се покаже максимална одговорност – реќе министерот.
Филипче нагласи дека оваа состојба нема да трае вечно и дека нема да трае долго, доколку се придржуваме до мерките.
– Многу е битно што имаме линеарен пораст на бројот на пациенти. Се надеваме дека ќе успееме да го амортизираме ударот во смисла на бројка на пациенти што се примаат во болниците. Ние постојано ја следиме состојбата и во согласниост со тоа ги носиме одлуките. Веќе од почетокот на следната недела ќе почнеме да се подготвуваме за денот кога нашите животи постепено ќе почнат да се враќаат во нормала, кога ќе продолжи работниот процес во секоја компанија, ресторан, продавница… рече Филипче.
Министерот посочи дека се почнати разговори со стопанските комори, со цел да се најдат оптимални решенија за организација на работата во компаниите, за, како што рече, да бидеме сигурни дека после рестриктивните мерки нема да ни се случи голем број на нови пациенти со коронавирус.