Четиригодишно дете загина во сообраќајка во село Банско

Четиригодишно дете вчера загина откако во него и во уште три малолетни лица пред здравствената амбуланта во струмичкото село Банско удрило патничко возило. Со тешки телесни повреди се здобил 14-годишен пешак.

Како што соопшти полицијата, несреќата се случила вчера околу 14.10 часот пред здравствена амбуланта во село Банско, струмичко, кога М.Н.(25) од селото, управувајќи патничко возило „застава“, со струмички регистарски ознаки, изгубил контрола и удрил во четири малолетни лица, на четири, девет, 14 и 17 години, сите од селото Банско, а потоа во електричен столб.

По незгодата возачот и пешаците биле пренесени во Медицински центар Струмица за укажување на лекарска помош, при што кај четиригодишникот од лекар била констатирана смрт, а со тешки телесни повреди се здобил 14-годишниот пешак. Кај возачот и другите двајца малолетници се констатирани телесни повреди.

Увид на местото на настанот извршила увидна екипа на СВР Струмица.