8.8 C
Skopje
сабота, март 1, 2025

Реакција на вработени во АД ЕЛЕМ: ПОЛИТИЗИРАНИ СИНДИКАТИ

Во текот на четвртокот бевме сведоци на еден настан во кој синдикатот на подружница  РЕК  Осломеј-АД ЕЛЕМ  даде донација на болницата во Кичево. Настан кој повеќе наликуваше на предизборна кампања, а не на хуман чин кој би им помогнал на белите мантили во борбата со коронавирусот.
Да не се разбереме погрешно, на болниците во овие моменти најмногу им треба помош од сите, но ова беше со друга намена и целта е само политичка корист, бидејќи истата е со задоцнување од два месеци. Вирусот започна да се шири кон крајот на февруари, после што  докторите, медицинските сестри и другиот болнички персонал беа оставени сами на себеси да се снаоѓаат за заштитни средства.
Овој синдикат на АД ЕЛЕМ и на сите подружници за кој само ќе потсетам беше избран на крајно нерегуларен начин и надвор од сите законски норми, со закани на вработените да се запишуваат во него и со блокирање на работењето на претходниот легален синдикат, но за ова потоа, да помине оваа криза, па ќе има одговорност за секој кој се огрешил, па и за нив.
Прва и основна задача на секој синдикат е заштита на работниците и нивните права, но овој синдикат ги заборавил своите обврски и организацијата ја гледа како средство за остварување на своите потреби (возење на службени возила за приватни потреби и трошење на синдикалните средства за репрезентации по кафеани и други лични привилегии).
Уште на почетокот на кризата реагираа  повеќе работници  од подружниците  на АД ЕЛЕМ дека не се почитуваат препораките за заштита на вработените, дека не им се дадени заштитни маски и ракавици, дека на работните места се во групи од повеќе од пет лица, дека  се носат на работа во автобуси со капацитет за 50 лица, а  понекогаш се  превезувале и повеќе и од таа бројка. Само да потсетиме капацитетите на АД ЕЛЕМ во моментов се од многу  поголемо значење за државата, бидејќи се наоѓаме во вонредна состојба и во моментов треба да се почитуваат сите услови за работа на работниците и да се преземе сė за заштита на здравјето на работниците кои совесно си ја извршуваат својата работна задача.
Но, од досегашново работење на ова раководство на АД ЕЛЕМ и раководствата на Синдикатот, може да се видат само  скандали,  корупција и политички поткуп. Како вработени во АД ЕЛЕМ и загрижени за сопственото здравје, апелираме и бараме заштита за  нас за да можеме редовно и непречено да ги извршуваме работните обврски и со тоа да помогнеме во овие тешки моменти на АД ЕЛЕМ и на Република Македонија.
Со почит, вработени во АД ЕЛЕМ!