
Капитенот на македонската фудбалска репрезентација актуелен играч на италијанскиот прволигаш Џенова, Горан Пандев се ближи кон крајот на својата активна фудбалска кариера, но и тоа не е причина да не биде баран од клубовите во Италија и денес на негови речиси 37 години. За Sky sport Italia, откри дека во јануари го барал Интер и тоа не само како фудбалер.
Пандев имал понуда да се врати во Интер на почетокот на годинава, но ја одбил. Откри самиот во онлајн-интервју за Sky Italia, рaскажувајќи дека мислел оти се шегуваат. Му се јавил Пјеро Аузилио и му понудил договор во траење од шест месеци, значи до крајот на оваа сезона, но потоа со можност за продолжување на позиција директор во клубот.
„Ми се јави Ауизилио, а јас му реков да не се шегува со мене. Му реков не, барајте некој помлад, јас го одработив моето. Зборував и со Џенова, тука сакаат да останам. И покрај сè, јас засекогаш ќе останам благодарен на Интер. За мене Интер е сè, екипата која ме донесе во Италија и која ми го промени животот. Екипата со која освоив најмногу. Точно се случија некои работи, но мојата намера и на моето семејство е јасна, уште од кога дојдовме овде. Точно дека имав малку тешкотии овде од почетокот, но секогаш верував во моите квалитети и сакав да им докажам на луѓето дека можам“, рече Пандев.
Зборуваше и општо за својата кариера и за плановите за повлекување. Го повтори она што го кажа и пред некое време, кога беше одложено ЕВРО 2020, а со него и баражот меѓу Македонија и Косово.
„Би сакал да продолжам уште една година, бидејќи мојот сон е да ја завршам кариерата со настап на Европското првенство, а тоа беше одложено. Мислев за пензионирање и кога почна сезонава, сакав на крајот од неа, но сега дојде трагедијата со коронавирусот и смени сè. Се надевам дека ќе се вратиме што побргу во нормала“, очекува македонскиот капитен.