
Лекар од Битола преку социјалната мрежа го прозва министерот за здравство Венко Филипче бидејќи резултатите од тестовите за Covid-19 се чекаат и до четири дена.
-Почитуван колега и Министер Венко. Четири дена чекавме резултати за лежечки пациент на интерно одделение, за сега во овие касни сати да разберам дека е позитивен за КОВИД-19??? Нема да се помирам и да ја прифатам оваа лакрдија. Слободно казнувајте ме колку сакате, но неспособните да ги смените веднаш.
Таков гнев и револт чувствувам што не се опишува. Не ме исполнуваат аплаузи и немам потреба да си го хранам егото, барав да се водиме според правилата и да се заштитиме во секој поглед. Цел месец укажував дека не сме на ниво и еве дојде до тоа од коешто се плашев. Потфрливме и за ова барам да се одговара, пишува докторот на Фејсбук.
Во коментарите појаснува дека пациентот бил примен во петокот, а во саботата му бил земен брис. За тоа дека е позитивен Трајковски бил информиран дури синоќа. Пациентот бил асимптоматски, но постоел епидемиолошки податок дека можеби е заразен со коронавирусот.