
Денеска на скопскиот аеродром пристигна помош од Народна Република Кина. По тој повод Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања и национален координатор за распределба на странска помош во земјава, Бујар Османи и амбасадорот на Кина во земјава, Жанг Зуо остварија видео конференција на која испратија пораки и до јавноста.
„На скопскиот аеродром денеска пристигнаа преку пет илјади КОВИД тестови кои ни се исклучително неопходни и чии можности за набавка се ограничени, како и значајна заштитна опрема како што се заштитните скафандери, маски, заштитни капи итн.“, истакна Османи, при што изрази огромна благодарност до Народна Република Кина и до амбасадорот Жанг Зуо, за огромниот ангажман во обезбедувањето на ова поддршка.
Во оваа прилика тој нагласи дека ова не е инцидентна поддршка, туку претставува дел од континуираната помош која Народна Република Кина ја обезбедува за нашата земја и претставува доказ за одличната соработка како со амбасадорот Зуо и неговиот тим, така и севкупно со Кинеската држава.