Трамп се закани дека Кина може да трпи последици поради одговорност за пандемијата

Американскиот претседател Доналд Трамп ја предупреди Кина дека би можела да трпи последици, бидејќи можеби е „свесно одговорна“ за пандемијата на новиот тип коронавирус.

„Можеше (пандемијата) да биде запрена во Кина пред да започне, а не беше, и сега целиот свет пати поради неа. Ако тоа било грешка – грешката е грешка. Но ако свесно се одговорни, сметам дека тогаш секако треба да има последици“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп на брифингот во саботата во Белата куќа.

Претседателот не појасни притоа кои чекори ќе ги преземат САД.

Трамп додаде дека Кинезите биле „збунети“, како и дека се поставува прашањето дали коронавирусот е „грешка којашто излегла од под контрола или тоа е сторено намерно“. „Има значителна разлика меѓу овие две (сценарија)“, рече американскиот претседател.

Трамп и другите високи американски функционери ја обвинија Кина за нетранспарентност во поглед на избувнувањето на епидемијата на крајот од мината година во градот Вухан, а оваа седмица американскиот претседател ги суспендираше големите уплати на САД за Светската здраствена организација (СЗО – WHO), обвинувајќи ја за „синоцентричност“.

Во март одметнатата кинеска покраина Тајван, која е под големо покровителство на САД, објави дека ја предупредиле СЗО кон крајот на ланскиот декември дека постојат докази за пренесување на коронавирусот од човек на човек, а дека СЗО кон средината на јануари објавила на Twitter дека истрагата на кинеските здравствени власти покажува дека не постојат докази за пренесувањето на новиот короанвирус од човек на човек.

Покрај тоа, многумина на Запад изразуваат сомневања во официјалните бројки што ги објави Кина, особено откако властите во Вухан во петокот објавија дека бројот на починатите во градот е за 50 отсто поголем, додека Кина асимптоматските лица, кои потврдени имаат коронавирус, не ги вбројува во официјалната бројка заболени.

Трамп во почетокот го фалеше кинескиот одговор на епидемијата на коронавирусот, за по извесно време да го нарече „кинески вирус“, на што портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи возврати и објави дека американските војници го прошириле коронавирусот во Кина.

И критичарите на Трамп во САД признаваат дека Кина лошо постапувала при избувнувањето на епидемијата, како и дека треба да се разјасни што навистина се случило. Но велат и дека Трамп ги користи грешките на Пекинг за да го сврти вниманието од тоа дека наводно самиот лошо одговорил на кризата, и тврдат дека сака да го искористи антикинеското расположение кај некои американски гласачи за да победи на претседателските избори во ноември годинава. Велатм, притоа, дека Трамп на почетокот од март ја споредил болеста Covid-19 со сезонскиот грип.

И покрај жестоката реторика од двете страни, САД многу зависат од Кина во поглед на увозот на заштитна опрема против коронаврисусот, а Трамп, исто така, сака да го одржи и тешко постигнатиот трговски договор. Стравот од отворена американско-кинеска трговска војна предизвика потреси и пад на растот на глобалната економија.

Со повеќе од 735.000 заразено со коронавирусот и речиси 39.000 почината, САД имаат далеку најмногу случаи на заболувања и смртни исходи. Во светот вкупно од Covid-19 се заболени повеќе од 2,3 милиони луѓе, а починале повеќе од 160.000 лица.