3.8 C
Skopje
вторник, март 4, 2025

Цената на тестовите во клиниката „Жан Митрев“ од 1.500 се качи на 4.000 денари

Драстичен раст на цената за Ковид тестирање во приватната клиника Жан Митрев. Отсега, наместо 1500 денари, пациентите ќе треба да платат речиси тројно повеќе – 3950 денари, објави Алфа ТВ.

Новото покачување на цените пак отвора нова дилема – дали во екот на пандемија, некој сака да профитира врз грбот на граѓаните? Во земјава се повеќе пациенти се жалат оти не можат да го минат комплицираниот алгоритам за да бидат тестирани на товар на Фондот. Голем дел од нив, кои дури имале и сомптоми, по препорака на матичните доктори се тестираат приватно. Дека ова е пракса, за Алфа неодамна потврдија и од Здружението на матични лекари.

Меѓутоа цената повисока за 150 проценти, од менаџментот на болницата Жан Митрев ја правдаат со зголемените трошоци. Велат имале зголемен обем на работа во лабораторијата, вработиле нов стручен кадар, но на ова влијаела и повисоката цена на реагенсите. Новата цена велат била усогласена со референтната од Фондот за здравство.

„Дневните капацитети на тестирање се зголемени од 30 тестови дневно на 300, поради што четирикратно се зголеми персоналот во лабораторијата. Набавивме нова апаратура и нови типови на заштитна опрема. Старата цена на тестовите ќе остане за сите досега закажани пациенти“, велат од Жан Митрев Клиник.

Инаку, ФЗО уште кон крајот на минатиот месец, го објави тарифникот за тестирање од Ковид 19. Согласно ценовникот PCR тестирањата, какви што работи тимот на Жан Митрев, чинат помеѓу 3.000,00 до 5.500,00 денари по осигуреник.

Во меѓувреме, приватните клиники апелираат до надлежните да се зголеми опфатот на тестови кои ќе ги покрива Фондот за да можат што поголем број граѓани да ја добијат оваа услуга бесплатно.