
Во гостувањето на Телевизија 24, поранешниот координатор на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија, Никола Мицевски, истакна дека власта со иницијативата за заседавање на Собранието сака да ги озакони незаконските постапки и уредби кои не се поврзани со Коронавирусот кои ги донесе Владата, но Уставот е дециден Собранието не може да заседава и да се врати повторно.
Тој вели дека Одлуката за самораспуштање на Собранието објавена во Службен весник е во сила и се додека таа е полноважна Собранието согласно Уставот не смее да заседава.
-Моето мислење е дека истово се бара за да се озаконат незаконските постапки и уредби коишто Владата во овој период на вонредна состојба во Република Македонија ги носи, за тоа реагираа и други политички партии, но ВМРО-ДПМНЕ смета дека со уредбите се донесуваа работи кои не се во контекст на вонредната состојба од типот законот за минерални суровини, законот за СЈО, на 14 април се донела одлука од владата за испплата на паричен надоместок за лица ангажирани со договор на дело во институциите, вели Мицевски.
Мицевски истакна дека прогласувањето на втората одлука за вонредна состојба според него е неуставна и дискутабилна.
-Пендароски можеше измеѓу првата и втората одлука за вонредна состојба да ги свика лидерите на политичките партии и да се изнајде решение коешто ќе биде правно издржано, ние имаме полноважна одлука за распуштање на собранието, а согласно Устав еднаш распуштено Собрание не може да се врати повторно назад, посебно не со потписи од 35 пратеници кои решиле дека треба да заседаваат, вели Мицевски.
Мицевски посочи дека во моменти кога сите се солидализираме и се гледа како да се помине оваа здравствена криза и економското цунами кое ќе следи, владата носи уредби за тривијални закони кои немаат никаква врска со оваа ситуација.